Katerina Gogova

Катерина Гогова е родена 1989 година во Дојран. Средно медицинско училиште завршила во „Д-р Панче Караѓозов“. Студира на Медицинскиот факултет. Гогова е добитничка на поетски награди меѓу кои втора награда на интернационалниот поетски фестивал „Литературни искри“ 2015 година и прва награда на литературниот конкурс „Бдеење на Кокински мугри 2016“. Застапена е со поезија и кратка проза во алманахот „Есенски креативен мозаик“ во издание на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје. Има учествувано на повеќе поетски читања и е застапена во електронските изданија на глобалната манифестација „100 Илјади поети за промена“ за 2015 и 2016 година, како и во антологиската збирка „Метрички карван“ за 2017 и 2018 година. Нејзина поезија и кратка проза е објавена во Современост – списание за литература, култура и уметност за 2018 година (број 1 и 3) и во 41-то издание на зборникот „Рукописи“-Панчево. Нејзина поезија е објавена и во зборникот „Креативни точки“ за 2018 година. Нејзината дебитантска поетска збирка издадена 2018 година носи наслов „Актите се кастрирани“. Нејзината втора поетска книга носи наслов „Пад во немирна вода“ и е наградена со признанието „Бели мугри“ кое го доделува Дом на културата “Кочо Рацин“ Скопје. Превод од нејзината поезија се најде во првиот број за 2019 година од хрватскиот Задарски книжевен весник и во осмиот број од словенечкото списание „Нови ѕвон“. Живее во Скопје. Активист е за човекови, здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници.